Емил Димитриев го обезбедуваат шест телохранители – добил и возач и службено возило

Експремиерот Емил Димитриев доби службено возило и возач од државата, кои му следуваат, според одредбите во Законот за Владата. На 32. седница на Владата минатата недела поминала одлуката за остварување право на користење службено возило на претседателот на Владата кому му престанала функцијата, потврдија од владината прес-служба за „Макфакс“.

Заедно со службеното возило и возачот, поранешниот премиер Емил Димитирев добил и шест телохранители од МВР, дознава „Макфакс“. Според измените во Законот за Владата, усвоени во 2013 година, премиерот на кој му престанала функцијата има право на обезбедување од шест лица, службено возило и возач. Ангажираните лица се од редот на вработените во организациската единица за обезбедување лица и објекти во Министерството за внатрешни работи. Тогашниот премиер Никола Груевски донесувањето на измените во Законот ги правдаше како заштита од одмазда на криминалци зашто неговата влада им објавила војна на корупцијата и криминалот.

Претседателот на владата кому му престанала функцијата ова право го остварува во период ист со периодот на времетраењето на извршувањето на функцијата, што значи дека Димитриев овие бенефиции ќе ги користи до почетокот на 2019 година. Експремиерот Димитриев вчера беше на свечената академија во Штип по повод Денот на ВМРО. Денеска не одговараше на телефонските повици на „Макфакс“.

В. Маглешов/Макфакс

Source: Македонија