Балетска вечер за паметење во Македонската опера и балет

Во Салонот на МОБ вчеравечер се одржа премиера на балетската претстава со наслов „Балетски триптих“. Возбудливо и со овации од страна на публиката беше примено ова модерно танцово дело, кое е авторство на двајца врвни кореографи, Ицик Галили од Израел и Сташа Зуровац од Хрватска.

Галили низ еден минималистички пристап во сценографското решение гради еден модерен танц на прекрасната музика од Филип Глас во делот со наслов „Агонија на срцето“. Со едноставните, но функционални костими на Натасја Лансен од Холандија, со прекрасно дизајнирано светло, танчарите доловуваат совршен хармонски усогласен танц. Посебен впечаток остави вториот дел со наслов „Софата“, каде што со хумористичен исказ во кореографијата, на убавата музика на Том Вејтс, тројцата танчари прават сатирично-хумористична атмосфера со своите бравурозни чекори и акробатски скокови, експресивни движења со моќни поетски слики.

Во вториот дел од вечерта беше изведено делото „Песна над песните“, инаку позната библиска тема. Овде Зуровац на убавата музика на Марјан Нечак и костимите на Марија Пупучевска доловува една судбинска атмосфера на затворени луѓе, кои со помош на љубовта се ослободуваат од таа затвореност. Сè на сè, прекрасна балетска вечер, новитет за публиката и љубителите на балетската уметност, која ќе има своја реприза во вторник, 24.10.2017 г.

(Макфакс)

Source: Култура