Азербејџан трошел милијарди за купување молк

Владејачката елита на Азербејџан користела таен фонд од 2,8 милијарди долари за да потплатува европски политичари, покажа истражувањето од страна на неколку медиуми. Парите биле искористени за луксузни шопинзи и за купување молк, објави Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP). Новинарите го нарекоа целиот проект „Азербејџан лаундромат“ или во превод машина за перење пари.

Азербејџан трошел милијарди за купување молк

 

Тие тврдат дека парите во периодот 2012-2014 биле искористени за да се потплатат политичари во Европа за да имаат позитивен став кон владата на Азербејџан. Парите исто така отишле кај лобисти, новинари, политичари и бизнисмени. Испаѓа дека на овој начин од Азербејџан дневно излегувале три милиони долари.

Владата на Азербејџан често е обвинета за корупција и местење избори, затворање опозициски политичари, активисти за човекови права и новинари. Според OCCRP, со овие пари Азербејџан влијаел на гласањето во Советот на Европа за извештајот за кршењето на човековите права во земјата во 2013 година. Потеклото на парите не е познато, но има некои докази што укажуваат на врска со семејството на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.

Во истражувањето учествуваа новинари од европските медиумски компании, вклучувајќи ги, меѓу другите, британскиот „Гардијан“, францускиот „Ле Монд“, германскиот „Зидојче цајтунг“, данскиот „Берлингске“, рускиот „Нова газета“ и словенечкиот весник „Дело“ .

 

ПРЕБАРАЈ