„Реквием за госпоѓа Ј.“ – Кошмар во соседството

Постои ли формула за правење успешен филм на Балканот? Ако ги погледнеме последните успеси на филмовите од балканските кинематографии изминативе години, тие и покрај „розовата“ диоптрија, сепак, спаѓаат во второкласните дострели.


Единствената формула која може да крене некој балкански филм до височините на пратечките програми на главните натпреварувачки рамки на Канскиот („Извесен поглед“), Венецискиот („Панорама“) и Берлинскиот („Панорама“) фестивал засега е рецептот на новиот бран на романскиот филм. Тоа значи минимализам во изразот, социјална тема, цврст дијалог, точен кастинг, запазување на ритамот на нарацијата… И, секако, да имате што да (по)кажете.
„Реквием за госпоѓа Ј.“ на младиот автор Бојан Вулетиќ доследно ја следи оваа формула на новиот романски филм. Сторијата говори за четири жени од четири генерации од едно српско семејство, кое некогаш припаѓало на социјалистичката средна класа (што и да значи овој терминолошки оксиморон – социјализмот, барем оној од балкански тип, не познаваше средна класа, за разлика од скандинавскиот). Мајката, госпоѓата Ј. (Мирјана Карановиќ), иако останала најмалку госпоѓа во вртлогот на транзицијата, е стечајна работничка и вдовица, која живее со нејзината намќореста свекрва (Мира Бањац), една ќерка на прагот да стане жена (Јована Гавриловиќ), и помала ќерка во пубертетски години (Даница Недељковиќ). Госпоѓата решава да се убие на денот кога се обележува годишниот помен на починатиот сопруг, со неговиот пиштол (бивш воен музичар, оттаму и оружјето), но драмскиот заплет лежи во комплицираноста на таков потфат во општества како српското, нашето, балканското…


Хуморот во филмот на Вулетиќ не е црн туку, полошо за гледачката перцепција, тој е мачен. Безнадежноста на човековата егзистенција не може – а и не треба – да се реши со досетка, па веризмот во „Реквием за госпоѓа Ј.“ не го поставува тој услов на (посакувана) катарза. Кај Вулетиќ нема катарза, како што нема ниту во филмовите од романскиот филмски „темплејт“. Остануваат горчината и прашањето – Што ќе биде со нас?
Снимен во сива фактура (кинематограферка Јелена Станковиќ), „Реквием за госпоѓа Ј.“ е студен и точен во секој негов сегмент, вклучувајќи ја и монтажата на нашиот Владимир Павловски-Тегла. Колку што Карановиќ е за нијанса подобра од нејзиниот висок просек на толкување на овој тип жени толку и младата Гавриловиќ и девојчето-натуршчик Недељковиќ се одлични во нивните експлозивни ролји.
Стојан Синадинов

повеќе.. http://sky.mk/kultura/485210-rekviem-za-gospogja-j-koshmar-vo-sosedstvoto

ПРЕБАРАЈ