Анѓушев рече стоп за тендерите на АД ЕЛЕМ

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, побара веднаш да бидат стопирани јавните повици на АД ЕЛЕМ за набавка на рударска опрема за РЕК Битола и за изградба на топлификација за Битола, Новаци, Логоварди и Могила во вредност од околу 80 милиони евра.

Анѓушев рече стоп за тендерите на АД ЕЛЕМ

 

„Владата на Република Македонија апсoлутно се согласува со тоа дека треба да се реализираат проекти со кои ќе се подобрува животот на граѓаните, да се модернизира механизацијата и другата опрема на капацитетите на АД ЕЛЕМ, но сето тоа најпрво треба да помине низ владина процедура. На владина седница треба да се разгледаат и усвојат условите за објавување на јавни повици, кои потоа на транспарентен и законски начин ќе бидат достапни за сите компании кои се заинтересирани да учествуваат“, стои во реакцијата на Анѓушев.

Според него, изминатите 11 години имаше спорни и незаконски тендерски постапки и избор на изведувачи на тендери објавени од АД ЕЛЕМ, а тоа оваа Влада нема да го дозволи.
„Не сакаме да направиме штета за граѓаните, но не сакаме и повторно да се направи штета на буџетот на компанијата и на Република Македонија. Владата ги има усвоено насоките на делување во полето на енергетиката, ќе инсистира на развојни проекти во енергетиката, но постапката за објавување на јавни повици освен од управниот одбор на компанијата, мора да биде усогласена и одобрена од страна на Владата“, потенцираше Анѓушев.

Тој дополни дека раководството на АД ЕЛЕМ, кое е претпријатие во државна сопственост имаше повеќе од една деценија да спроведува развојни проекти, но за жал, на тоа поле многу малку е направено. Според Ангуѓев, владата нема да дозволи одлуките на менаџментот на АД ЕЛЕМ да бидат поважни од интересите на граѓаните и затоа ќе инсистира на привремено замрзнување на јавните повици, се додека истите не добијат позитивна одлука од Илинденска.

 (Макфакс)

повеќе.. http://sky.mk/biznis/492031-angjushev-reche-stop-za-tenderite-na-ad-elem

ПРЕБАРАЈ