Средба Џафери-Мурниеце: Латвија е силен поддржувач на европската интеграција на Македонија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, во рамки на 8. Меѓународен безбедносен форум во Рига, денеска се сретна со Инара Мурниеце, спикерка на Парламентот на Република Латвија.

Средба Џафери-Мурниеце: Латвија е силен поддржувач на европската интеграција на Македонија

 

Од Кабинетот на претседателот на Собранието соопштија дека на средбата била изразена благодарност за силната и конкретна поддршка што Република Латвија ја дава на Република Македонија на планот на европската и евроатланската интеграција.

„Како мошне позитивен импулс во тој контекст беше спомената Заедничката изјава за отворање на пристапните преговори на Европската Унија со Република Македонија, усвоена од страна на претставници на комисиите за европски прашања на парламентите на Латвија, Литванија и Естонија во 2012 година. Со таа изјава се промовираше концептот на паралелно решавање на спорот околу прашањето на името и започнување на пристапни преговори, концепт кој потоа беше поддржан од многу земји-членки на Европската Унија“, соопштија од Кабинетот.

Мурниеце го честитала изборот на новата Влада, како прв чекор кон стабилизација на политичката состојба во државата по немилите настани од 27 април, кои ги оценила како напад врз демократијата.

„Таа истакна дека Република Латвија и натаму ќе остане силен поддржувач на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија бидејќи стабилноста на Западен Балкан зависи од неговата целосна европска интеграција. Со тоа ќе се создадат цврсти основи за елиминирање на сите негативни меѓународни влијанија во регионален безбедносен контекст“, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието.

Соговорниците споделиле заемни уверувања и очекувања дека цврсто воспоставената билатерална соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Парламентот на Република Латвија на ниво на пратенички групи за соработка ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо./извор:Макфакс

повеќе.. http://sky.mk/makedonija/492374-sredba-djaferi-murniece-latvija-e-silen-poddrzhuvach-na-evropskata-integracija-na-makedonija

ПРЕБАРАЈ