Поскапува нафтата – од 1 јануари 3 денари поскапо дизел гориво

Од 1 јануари Владата планира да ја зголеми акцизата на нафтата три денари, соопшти денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски, претставувајќи го предлог-буџетот за 2018 година. Тевдовски рече дека не се очекува никакво инфлаторно придвижување и дека јавноста може да биде мирна.

„Не очекуваме дека ова да доведе до инфлаторен притисок бидејќи нафатата е дел од енергентите заедно со струјата што во цените учествуваат со 10 проценти, а ова што ние го предлагаме се однесува само на нафтата, а не на бензинот и на струјата. Секако, тоа е едно мало делче што е предвидено во нашата проекција за инфлација од 1,7 процент“, изјави министерот Тевдовски.

Со зголемување на акцизата и пресметаниот ДДВ цената на нафтата ќе биде повисока 3,5 денари, но, според Тевдовски, и со ова зголемување цената на нафтата во Македонија ќе остане најниска во регионот. Причина за зголемување, како што истакна, се ЕУ-препораките за заштита на животната средина и намалување на загадувањето.

Очекуваниот ефект од зголемување на акцизата во предлог-буџетот за 2018 година ќе изнесува 1,6 милијарда денари, а од ДДВ 350 милиони денари и дополнителни приходи за Јавното претпријатие за државни патишта.