ПРЕСПАНСКА ПАНОРАМА – ГАЛИЧИЦА, РАЈОТ НА ЗЕМЈАТА

Заради особените природни убавини и карактеристичниот растителен и животински свет на шумите и шумските предели на планината Галичица , еден поголем дел од неа, на површина од 22.750 хектари, во 1958 година е прогласен за национален парк.

Националниот парк Галичица којшто се наоѓа во крајниот југозападен дел од Република Македонија, се карактеристика по положбата што ја зазема меѓу двете езера – Преспанското и Охридското, потоа, по разгранетата орографија и интересните геоморфолошки облици (длабоки долови, разни видови на карстни форми и глацијални релјефни форми).

Националниот парк Галичица особено се истакнува по големото флористичко богатство. Тука допираат ареалите на голем број видови растенија, претставници на различни флорни елементи, од коишто некои овде ја достигнуваат северната, односно јужната граница на своето распространување, или пак источната или западната граница.

Наоѓалиштата за некои од растителните видови на Галичица се единствени за територијата на Република Македонија.

На територијата на паркот се застапени 37 растителни заедници, од кои 20 се шумски.

Националниот парк Галичица претставува класично наоѓалиште за 20 видови виши растенија (Cormophytae) од коишто 12 видови се познати само за планината Галичица и за крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро и претставуваат локални ендеми.

Од фаунистички аспект, на подрачјето на националниот парк Галичица регистрирани се 26 ендемични видови.

Посебно е интересна бројноста на пеперудите – 1644 видови, што претставува огромна концентарција за толку мал простор. Според бројната застапеност на 30 видови водоземци и влечуги, Националниот парк Галичица е приближно на исто ниво каква што е застапеноста на херпетофауната на целата територија кај некои од средноевропските земји (Германија, Швајцарија, Австрија и др.).

Класата птици на Галичица е застапена со 266 видови, што претставува 84% од вкупната Македонска орнитофауна, додека пак бројноста на цицачите – 51 вид, претставува 62% од вкупната фауна на цицачи во Македонија.