Преспанска панорама: село Стење

Селото Стење се наоѓа на 23 километри западно од централното градско подрачје на Ресен.

На влезот на селото Стење е поставена и табла на која се испишани информации за природните и културните убавини на селото, Преспа и Преспанското Езеро и за островот Голем Град. Во заливот Лиса има панорамски поглед на езерото.

Ова е само дел од тајната на Стење и неговата околина. Мештаните имаат обичај и да се пошегуваат со дојденците, велејќи дека не сакаат да ги откриваат убавините на селото бидејќи ќе привлечат голем број посетители, со што недопрената дивина ќе биде уништена. Стење има 399 жители, се занимаваат  со земјоделство, одгледуваат јаболка, најчесто од сортите ајдарес и златен делишес. 10-тина стенчани лебот го вадат од рибарењето рибарат. Преспанско езеро е богато со белвици, крапови тешки и до 20 килограми, а поретко има јагули и сомови.

Неколку километри од Стење, во карпите високи три метри гостите можат да ја видат фреската на света Петка. Селаните велат дека фреската е таму откако памтат за себе, а според легендите, ја поставил рибар што се спасил од бура. Тој видел светлина и успеал да дојде до местото од каде што доаѓала. На тоа место поставил икона на светицата што го спасила.

Во близина на заливот се наоѓа и с Коњско, последно од македонска страна сместено на тромеѓето. Покрај селските куќи, кои се руинирани, има и колиби од ендемичното дрво фоја. По десетминутно возење со чамец од Коњско може да стигнете до единствениот остров во Македонија – Голем Град. На островот живеат стотици змии, кои – според легендите – го чуваат богатството на цар Самуил. По друга легенда змиите се собираат бидејќи Голем Град е единствено место на кое можат да живеат без да им пречи човекот.

 

фотографиите се од 2007