Продолжен рокот за бесплатен одмор

Министерството за економија денеска го продолжи рокот за аплицирање за владината мерка за бесплатен одмор за работници со ниски приходи до 20 ноември годинава, информираат од таму.

Досега повеќе од 650 граѓани изразиле интерес за користење на владината мерка, а според средствата што се обезбедени за оваа намена, во износ од 60 милиони денари, се проценува дека бесплатен одмор ќе може да користат 4.000 семејства, во вредност од 15.000 денари, во еден од 60-те категоризирани угостителски објекти за сместување во Македонија кои се пријавија во Министерството за економија.

Јавниот повик е објавен на 1 септември годинава, а право за добивање бесплатен одмор имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не надминуваат нето-износ од 22.000 денари.

Целта на овој проект е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.