Северна Кореја ВО ТАЈНОСТ испратила писмо до Западот – еве што порачала

Северна Кореја испратила писмо до западниот свет без преседан, повикувајќи на „остра будност“ против „гнасната“ администрација на Доналд Трамп.

Писмото исто така најавува појавување на Северна Кореја како „целосно развиена нуклеарна сила“.

Се верува дека писмото, кое го напишал севернокорејскиот Комитет за надворешни работи, е испратено во тајност до западните држави, пренесе „Индепендент“.

Неговото постоење го обелоденила министерката за надворешни работи на Австралија Џули Бишоп, која го примила откако било проследено во австралиската амбасада во Индонезија од страна на севернокорејскиот конзулат во Џакарта, пишува “Sydney Morning Herald”.

Необично е кој е автор на пораката како и начинот на кој е доставена – севернокорејската комуникација со Западот воглавно се спроведувала преку нејзината државна новинска агенција KCNA.

Писмото е упатено до „парламентите на различни држави“ и во него е осудена реториката на Доналд Трамп во ОН во која ветил дека САД „целосно ќе ја уништи“ Северна Кореја.

– Ако Трамп мисли дека Демократската народна република Кореја, нуклеарна сила, ќе ја фрли на колена заканувајќи се со војна, тоа е погрешна пресметка и израз на незнаење. Северна Кореја сега е целосно квалификувана нуклеарна сила со силен нуклеарен арсенал и различни начини на доставување на нуклеарно оружје, создадено со помош на нашата самодоверба и саморазвој. Вистинскиот непријател на нуклеарна сила е самата нуклеарна војна. Комитетот за надворешни работи на Северна Кореја во оваа прилика изразува уверување дека парламентите на државите, кои сакаат независност, мир и правда, во целост ќе ја извршат својата мисија и должност во остварување на желбите на човештвото за меѓународна правда и мир со остра будност против гнасните потези на администрацијата на Трамп која се обидува да го внесе светот во ужасна нуклеарна катастрофа, пишува во писмото.

Министерката Бишоп рекла дека ова е прво писмо кое некој австралиски шеф на дипломатија некогаш го примил од Северна Кореја.

 

Source: Свет