Венето и Ломбардија гласаа за поголема автономија

Двата најбогати региони во Италија, Ломбардија и Венето, гласаа за поголема автономија. Лидерите на двата региона, Лука Заја и Роберто Марони, прогласија победа на референдумот, потенцирајќи дека мнозинството граѓаните гласале за поголема автономија на регионите.

Според прелиминарните резултати, над 90 отсто од граѓаните кои гласале, заокружиле ДА. Се проценува дека одзивот во Венето е меѓу 57 и 61 отсто, а околу 40 проценти во Ломбардија.

Претседателите на двата региони се членови на Северната лига, регионална политичка партија која подолго време смета дека северот го субвенционира посиромашниот јужен дел од државата. Заедно, двата региони, сочинуваат околу 30% од вкупната италијанска економија.

Критичарите на референдумите сметаат дека тие се користат како алатка за да се подигне рејтингот на Северната лига пред парламентарните избори кои се одржуваат следната година, додека централната влада во Рим смета дека гласањето е непотребно, иако е дозволено според италијанскиот устав.

Оваа ситуација е доста различна од кризата во Шпанија, каде Каталонија, еден од најбогатите региони, спроведе референдум за независност на 1-ви октомври и покрај одлуката на уставниот суд да го прогласи за нелегален. Како одговор, шпанската централна власт најави воспоставување директна контрола врз регионот.

 

Source: Свет