Ковачевски: За една година имаме отпочнати преговори со ЕУ, заштитен македонски јазик и идентитет, признаена црква, затворени прашања со соседите
„Ја започнавме годината со јасна визија и обврска. Одлучивме да се менуваме, да бидеме подобри и поуспешни, не за себе, туку за граѓаните и државата. Од првиот момент, ниту јас, ниту моите колешки и колеги, не застанавме на тој пат ниту еднаш! Посветено, чесно и целосно се внесовме во спроведувањето на нашите обврски и ветувања“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје.
Тој додаде дека во време на најголемата безбедносна, енергетска и економска криза во Европа по Втората светска војна Владата се втурна во подобро, поефикасно и побрзо испорачување на решенија, мерки и одржливи политики.
„Кој можеше да претпостави дека во една година ќе биде признаена Македонската православна црква, дека македонскиот јазик ќе е потврден во ЕУ со договорот за ФРОНТЕКС? Кој можеше да претпостави дека тој договор ќе биде потпишан од сите земји членки и истовремено одобрен и од Грција и од Бугарија? Кој можеше да препостави дека во Грција ќе се регистрира Центар за македонски јазик? Дека нашата медиумска информативна агенција ќе отвори своја канцеларија во Софија? Е тоа се придобивките од државничките одлуки“ рече Ковачевски.
Тој додаде дека македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни и тие се нашиот темел на европската куќа и дел од историјата и традицијата на Европа.
„Направивме голем успех за државата. Ако претходно успеавме со полноправното членство во НАТО, ние, СДСМ со поддршка на граѓаните, до крај ќе го истераме нашето полноправно членство во Европската Унија. Бидете убедени во тоа“ рече Ковачевски.