Македонските синоптичари излегоа со прогноза: Еве каква зима не очекува

Синоптичарите прогнозираат топла зима со натпросечни температури и врнежи во рамки на многугодишниот просек . Постудено време се очекува од втората половина на јануари.

Овој месец и наредните два зимски месеца поголема е веројатноста дека температурите на воздухот ќе бидат над просекот, со отстапување од околу два степени од многугодишниот просек.

Се очекува просечно врнежлива зима, со мала веројатност за позитивно отстапување во источниот регион на Македонија.

Декември се очекува да ги достигне просечните вредности на температурата и врнежите. Во јануари температурата се очекува да биде над просекот, а врнежите во рамки на просечните вредности. Во втората половина на јануари постои поголема веројатност за продор на студен воздух од североисток кој ќе условува студено и суво време, а во нардниот период моделите даваат сигнал на промена, судир на сувата и студена воздушна маса од север со влажна воздушна маса од југ, која доаѓа преку Медитеранот и може да условува пообилни врнежи од дожд и снег. Во февруари се очекуваат надпросечни температури и врнежи.

Просечната температура за декември-јануари-февруари 1981-2010 година се движи од -1,5С во Маврово до 5,0С во Гевгелија, а просечните зимски суми на врнежи се од 99mm во Штип од 319,4mm измерени на метеоролошката станица во Лазарополе. Просечната температура за Скопје изнесува два степени, а просечната количина на врнежи 110mm.