Недела неработен ден е реалност, од први јануари 92 проценти од работниците ќе одмораат во недела

„Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92% од работниците,“ порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на Законот за работните односи со кој се утврдува недела како неработен ден.

На денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија, пратениците со 62 гласа „за“ и нуту еден против го изгласаа законското решение кое го дефинира денот недела како ден за неделен одмор. Целта на ова законско решение е воспоставување на рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.

„Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена,“ рече Шахпаска.

Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%. А дополнително, 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.

„Работничките и работниците се столбот на нашата економија и движечка сила на државата. Поради тоа остануваат наш приоритет во градењето на идните политики,“ порача министерката Шахпаска.