Од утре носењето на маски ќе биде задолжително – Еве само кога ќе бидете ослободени од обврската да носите заштитна маска

На оваа своја седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето на коронавирусот и за заштита на населението за време на вонредна состојба.

Уредбата определува дека секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).

Под лична заштитна опрема се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).

По исклучок, секој граѓанин, може да не ја носи личната заштитна опрема на лицето, само ако:

– носи посебна лична заштитна опрема на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи,

– престојува во двор на станбена семејна куќа,

– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,

– патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или

– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.

Уредбата исто така утврдува дека сите граѓани на територијата на Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја обавуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштитна опрема на нос и уста од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема.