Путин предупредува: Мораме да бидеме подготвени за војна во секој момент

Нашата војска и морнарица мора да имаат најдобра опрема, подобра од другите сили, вели Владимир Путин.

„Способноста на нашата економија да го зголеми военото производство и услуги во секој момент е еден од најважните аспекти на воената безбедност“, рекол рускиот претседател Владимир Путин после состанокот во Сочи.

„Целта е секое стратешко претпријатие да биде подготвено да произведува, без оглед на сопствеништвото“, додал тој.

„Нашата војска и морнарица мора да имаат најдобра опрема – подобра од другите стратешки сили. Ако сакаме да победиме, мора да бидеме подобри“, рекол рускиот претседател.

После тешката воена операција во грузиската војна 2008 година, руската војска помина низ голема модернизација. Старата советска опрема веќе не се користи, воведен е нов режим на тестирање и командни структури, а и буџетот за војската е поголем.

Оваа година воените трошоци ќе преминат три трилиони рубљи или 3,3 отсто од БДП. Во наредните две години се очекува потрошувачката малку да се намали, на околу 2,8 отсто.

Иако тој буџет останува помал од комбинираниот буџет на НАТО во Европа, многу земји ги зголемуваат трошоците како одговор на „руската закана“.