Сингапур обесил маж за килограм марихуана
Сингапур обеси затвореник поради „учество во заговор“ за шверц на еден килограм канабис.
Властите ги игнорираа меѓународните протести и изјавите на критичарите кои тврдеа дека обвинетиот немал целосен пристап до адвокат и преведувач. Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации го повика Сингапур „итно да го разгледа“ бесењето.
Тангарају Супиах (46) беше осуден на смрт во 2018 година, откако судијата утврди дека поседува телефонски број што се користел за координирање на обидот за трговија со канабис. Затворската служба во Сингапур потврди за АФП дека тој бил погубен во средата во комплексот затвор Чанги.
Критичарите изразија бројни загрижености за постапувањето со неговиот случај. Тврдеа дека полицијата го испрашувала без правен бранител. Дополнително, тие рекоа дека Супиах, говорник на Тамил, бил испрашуван од полицијата на англиски јазик без преведувач.
Супијах се застапуваше себеси пред судот откако поднесе барање за преиспитување на неговиот случај во ноември минатата година по неуспешната жалба. Активистите велат дека тој е само еден од се поголемиот број осуденици на смрт кои се бранат поради тешкотиите да пристапат до адвокатите.
Семејството на егзекутираниот затвореник во вторникот вечерта сними видео-апел во кој ја замолува јавноста да продолжи да го повикува сингапурскиот претседател Халимах Јакоб да го запре погубувањето. Внуката на погубениот најави дека нема да изгуби надеж до последен момент.
„Ќе го убијат во шест часот наутро, а ние ќе ја задржиме надежта до 5 часот и 55 минути. Вујко ми е многу добар човек, немаше ниту образование, ниту пари, но многу се трудеше да се грижи за нас. “, нагласи таа.
Фил Робертсон од Хјуман рајтс воч ја нарече егзекуцијата срамота.
„Постојаната примена на смртната казна за поседување дрога во Сингапур е кршење на човековите права што го ужаснува голем дел од светот и се прашува дали сликата на модерен, цивилизиран Сингапур е само фатаморгана“, рече Робертсон. Сингапурската влада тврди дека смртната казна е ефикасно спречување на криминалот поврзан со дрога и има широка јавна поддршка.
Минатата година, Сингапур егзекутира 11 лица во случаи поврзани со дрога, вклучувајќи го и Нагаентран Дармалингам, Малезиец со пречки во учењето чиј случај предизвика глобален гнев, како и ретки протести во Сингапур.
Обединетите нации тврдат дека смртната казна не се покажала како ефикасно одвраќање на глобално ниво и е некомпатибилна со меѓународното право за човекови права, кое дозволува смртна казна само за најтешките злосторства.
„Смртната казна сè уште се користи во мал број земји, главно поради митот дека го спречува криминалот“, велат од Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права.