Трет Социо-еколошки форум: Општина Центар со енергетска канцеларија, граѓаните ќе бидат запознаени со можностите за субвенционирање
Eнергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европска унија се тема на третиот Социо-еколошки форум. На форумот се разменуваат идеи – како подобро да се развиваат општините, во интерес на граѓаните. На форумот учествуваат пратеници, експерти, градоначалници.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова ја нагласи важноста на животната средина, особено на климатските промени врз социо-економскиот развој на една држава.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски – ја споделил, како што рече, успешната приказна за енергетски независна општина Центар.
Тој проговори и за отворањето на енергетска канцеларија во оваа општина, каде граѓаните ќе бидат запознаени со можностите што ги нуди општината, во врска со проекти и помош за енергетски независни домаќинства, во делот на субвенционирање на фасади, лифтови, кровови.
– Продолжуваме со одлични проекти, подвлече градоначалникот.
Лена Бакелин, член на шведскиот Pарламент, исто така изрази задоволство што е дел од форумот и нагласи дека се тука да се инспирираат едни со други, да учат едни од други.
Јелена Пекиќ, член на Собранието на Федерација Босна и Херцеговина, посочи дека ова се мошне важни теми за целиот регион.
Седат Ариф, заменик градоначалник на Малме, инаку роден во Скопје, нагласи дека има многу значајни прашања на кои треба да се разговара и посочи дека ќе ги сподели шведските искуства.
Рене Шлее, директор на ФЕС Дијалог Југоисточна Европа, рече дека се тука за да се видат кои се проблемите на регионот.
Третиот Социо-еколошки форум за енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европска унија, е во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.