Вселенско летало тешко 9 тона може да падне секој час, дури и на Балканот!

Кинеската вселенска станица Тиангонг-1, која неконтролирано паѓа од Земјината орбита, во следните неколку дена ќе се распадне во атмосферата и ќе се претвори во куп вселенски отпад, со делови кои потенцијално можат да паднат на копно или во населени подрачја.

Најновите прогнози за конечната судбина на вселенската станица деновиве ги објави непрофитната организација Аероспејс.

Таа предвидува дека станицата ќе влезе во атмосферата 1 април, со отстапка до три дена, што значи дека најрано би можела да падне во четврток, 29 март.

Огромната топлина и притисок кои ќе настанат за време на влегувањето во атмосферата, ќе го уништат леталото тешко 9 тона, но можно е некои делови на леталото да „преживеат“ и да паднат на земјата.

Тешко е да се погоди каде точно ќе падне станицата, поради тоа што дел од факторите врз чија основа се врши прогнозирање се непознати.

Предвидувањето за падот на леталото вклучува многу несигурност, како разликата во густината на воздухот во горните слоеви на атмосферата, непознаници во врска со ориентацијата на леталото и точната маса и составот, но и непознатите податоци за точната локација и брзина.

Делови од станицата, кои би можеле да „преживеат“, можат да паднат во зони широки неоколку стотици километри, кои се наоѓаат на рабовите на подрачјата над кои летала станицата. Тие на сликата се означени со жолта боја:

Во најлошото сценарио, а тоа е опцијата дел од станицата да погоди некој во жолтата зона, шансите се милион пати помали од шансите за добивка на лото. Имено, во историјата на вселенските летови никој не е повреден за време на удар од некој вселенски отпад кој паднал од орбитата.

Интересно е што како место за можен пад се наведуваат Франција, Шпанија или Португалија во еден случај, а во друг земјите од Балканот.

Тиангонг (во превод Рајска палата) е испратена во Земјината орбита 2011 година. Станицата е користена за мисии со и без екипаж, а во историјата влезе како прва вселенска мисија на една жена астронаут од Кина.

Владата во Пекинг минатата година соопшти дека комуникацијата и контролата над станицата е изгубена и дека таа ќе се сруши на Земјата.

Тиангонг изминативе недели почнала да влегува во густите делови на атмосферата, поради што нејзиниот пад добива на забрзување.

Се смета дека поголемиот дел од станицата ќе изгори во атмосферата, но, според зборовите на астрофизичарот Џонатан Маекдауел, нејзини делови тешки и до 100 килограми, сепак, ќе паднат на Земјата.